Конфликтот меѓу блоковите предизвикан од кризата во Украина може да стане поголема и подолготрајна закана за глобалниот мир од самата криза, му рече кинескиот претседател Си Џинпинг на својот француски колега, пренесоа кинеските државни медиуми.

Кина повеќепати ги повика европските земји да покажат дипломатска автономија наместо да им се приклучуваат на Соединетите Држави, во она што Пекинг го нарече „менталитет на студена војна“. Кина одби да ја осуди Русија за нејзината инвазија на Украина, која Русија ја нарекува „специјална воена операција“.

Во телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, Си рече дека Кина верува дека Европа треба да има целосна контрола над европската безбедност, објави кинеската државна телевизија.

Си исто така рече дека се надева оти Франција ќе одигра активна улога во промовирањето на кинеско-европските врски, имајќи предвид дека Франција во моментов претседава со Европската унија.

Елисејската палата пак објави дека Макрон и Си разговарале за војната во Украина и глобалната прехранбена криза што произлезе од неа и повикаа на итен прекин на огнот. „Двајцата лидери ја повторија својата посветеност на почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, соопшти кабинетот на претседателот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.