Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска изјави дека Русија мора веднаш да го почитува привремениот прекин на огнот за да се овозможи поправка на далноводот до нуклеарната централа Чернобил, бидејќи, како што тврди, може да дојде до истекување на радијација доколку и понатаму нема струја.

Резервните дизел генератори имаат капацитет од 48 часа за напојување на нуклеарната централа во Чернобил. После тоа, системите за ладење на складиштата на потрошеното нуклеарно гориво ќе престанат да работат, поради што истекување на радијација ќе биде неизбежно – напиша Кулеба на Твитер.

Тој исто така тврди дека ветерот може да пренесе радиоактивен облак во други региони на Украина, Белорусија, Русија и Европа, пренесува „Гардијан“.

Доколку ситуацијата продолжи, целиот персонал таму ќе биде изложен на опасна доза на радијација, предупредува Кулеба.

Претходно украинскиот државен енергетски оператор објави дека руските сили ја исклучиле нуклеарната централа Чернобил од електричната мрежа.

Украинската државна нуклеарна компанија „Енергоатом“ објави дека од нуклеарната централа може да се испуштаат радиоактивни материи, бидејќи таа не може да го лади потрошеното нуклеарно гориво откако и било прекинато напојувањето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.