Кинескиот претседател Си Џинпинг,  во порака до претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, го нарече „многу одговорно“ спроведувањето на силните мерки на казахстанската влада против демонстрантите.

Одлучно презедовте цврста акција во критичните моменти и брзо ја смиривте ситуацијата, покажувајќи ја на тој начин вашата одговорност и вашето чувство за тоа што треба да се прави како политичар – наведува кинескиот претседател во пораката до Токаев.

Тој додава дека неговиот колега од Казахстан се покажал „високо одговорен за својата земја и својот народ“.

Насилството во Казахстан беше поттикнато од незадоволството поради поскапувањето на горивото, кое набрзо се претвори во насилни антивладини протести.

Казахстанскиот претседател Токаев им дозволи на силите за спроведување на законот да пукаат „без предупредување“ во „вооружените банди“ кои предизвикаа немири.

Тој, исто така, отфрли секаква можност за преговарање со демонстрантите, нарекувајќи ги „апсурдни“ таквите барања од странство.

Десетици луѓе се убиени или повредени, соопшти казахстанската влада.

Во меѓувреме, Германија повика на смирување на ситуацијата, која од протест се претвори во крвав бунт. Гермнаците бараат наоѓање мирно решение.

Германската влада е убедена дека насилството како она што се случува во Казахстан никогаш не е соодветен одговор. Ги повикуваме сите вклучени страни да се деескалираат и да најдат мирно решение – порача портпаролката Кристијане Хофман.

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Кристофер Бургер, пак, истакна дека „употребата на смртоносна сила со вистински куршуми против цивили не е опција“.

Казахстан, најголемата земја во Централна Азија, е зафатена од немири кои избувнаа во неделата, а потоа се проширија во другите градови.

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со Токаев неколку пати, како и со други лидери на Организацијата за заеднички договор за безбедност, воен сојуз на неколку поранешни советски републики.

Сојузот соопшти дека во Казахстан распоредиле околу 250 војници на барање на Токаев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.