Северна Кореја ја информирала Јапонија дека планира да лансира сателит меѓу 22 ноември и 1 декември, а Токио и Сеул сметаат дека тоа би можел да биде трет обид за поставување шпионски сателит во орбитата. Јапонската крајбрежна стража соопшти денес дека Северна Кореја испратила известување за лансирање во насока на Жолто и Источнокинеско Море.

Државната агенција за поморска безбедност на Јужна Кореја издала предупредување за бродовите за планираното лансирање за истите подрачја како и претходните лансирања. Северна Кореја претходно годинава веќе двапати се обид да лансира, како што соопшти, шпионски сателити, но неуспешно.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида ги осуди плановите на Пјонгјанг и кажа дека одбранбените системи на неговата земја, вклучувајќи ги разурнувачите и противвоздушната одбрана, се спремни за секоја неочекувана ситуација.

Дури и ако целта е лансирање сателит, користењето технологија на балистички проектили претставува кршење на низа резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации. Тоа е прашање кое прилично влијае на националната безбедност, кажа Кишида.

Пјонгјанг своите вселенски и воени ракетни програми ги смета за суверено прави и планира да има флота сателити за следење на потезите на американските и јужнокорејските сили. Јакнењето на воената моќ е суверено право на Северна Кореја и тоа е одговор на системот за вселенски надзор предводен од САД, јави државната новинска агенција КЦНА.

Аналитичарите наведуваат дека шпионските сателити се клучни за унапредување на севернокорејското оружје.

Ова е прво лансирање од септември кога севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го посети рускиот космодром, каде рускиот претседател Владимир Путин му вети помош во развојот на сателитите. Јужна Кореја планира да го лансира својот прв набљудувачки сателит на 30 ноември од Калифорнија со помош од САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.