Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху го суспендира министерот за наследство Амихаи Елијаху од владините состаноци на неодредено време, соопшти Владата.
Елијаху од ултрадесничарската партија „Еврејска сила“ во интервју за јавниот сервис Кан изјави дека една од опциите во војната во Појасот Газа е да се фрли нуклеарна бомба на енклавата.
Елијаху потоа на платформата Икс објави дека неговата изјава за нуклеарната бомба била метафорична, додавајќи дека одговорот на тероризмот мора да биде силен и несразмерен.
Нетанјаху истакна дека изјавата на министерот Елијаху „нема врска со реалноста“.
Израел и ИДФ дејствуваат во согласност со највисоките стандарди на меѓународното право за да спречат штета на луѓето кои не се вклучени, и ние ќе продолжиме да го правиме тоа сè до победата, наведе Нетанјаху.
Елијаху, министерот задолжен за наследство, не е дел од безбедносниот кабинет, кој носи одлуки во војната, што почна на 7 октомври, ниту има влијание врз воениот кабинет кој го насочува конфликтот.
Тој во интервјуто изјави и дека е против достава на хуманитарна помош во Појасот Газа.
Нема да им дадеме хуманитарна помош на нацистите, посочи Елијаху.
Тој ја поддржува повторната окупација на Појасот Газа, од каде што израелската армија се повлече во 2005 година, како и обновувањето на тамошните еврејски населби.
Тие може да одат во Ирска или во пустините, чудовиштата во Газа треба да најдат решение за себе, наведе Елијаху, додавајќи дека северниот дел на Газа нема право да постои и дека секој што вее знаме на Хамас не треба да живее.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.