Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека нема ниту еден момент да не размислува за заложниците што ги држи Хамас.
– Во текот на последниот ден, напреднавме во нова фаза во војната. Силата на огнот ја потресе земјата во Газа и тоа е различно од сè што доживеа Хамас од неговото создавање, рече тој на заедничката прес конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
– Силите на ИДФ маневрираат на соодветните места и ги напаѓаат локациите на Хамас во моментов, над земја и под земја … Хамас трпи шокови што никогаш не ги претрпел, рече Галант.
Според него, израелските сили во Газа ги добиваат сите разузнавачки информации и помошен оган што им се потребни, додавајќи дека операцијата е прецизна, смртоносна и исклучително моќна.
Галант рече дека „има целосна верба“ во началникот на Генералштабот на ИДФ, шефовите на Шин Бет и Мосад и војниците на терен.
Тој нагласи дека Израел не сака да ја прошири војната, но е подготвен ако некој друг се вклучи.
Галант, исто така, рече дека земјата се грижи за резервистите, за луѓето кои живеат во близина на борбените области и оние кои ги напуштиле своите куќи.
Осврнувајќи се на заложниците, Галант истакна дека Израел прави сè што може за да ги врати заложниците.
– Тоа не е секундарна мисија, нагласи тој.
– Да не се залажуваме, нашите непријатели не бараат хуманитарни решенија, рече Галант.
Галант наведе дека колку посилно Израел го удира Хамас, толку се поголеми шансите Хамас да се согласи да ослободи заложници.
– Ова нема да биде кратка војна. Ова ќе биде долга војна … Или ние или тие, рече израелскиот министер за одбрана
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.