Италијанската премиерка Џорџа Мелони, чие мото во кампањата со која дојде на власт беше „Бог, семејство, татковина“, денеска првпат официјално го посети поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Мелони на тој начин го исполни своето ветување дека подобро ќе го запознае папата, кој е роден во Аргентина.

Таа приватно разговараше со папата Франциск околу половина час, по што се сретна со секретарот на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин и со министерот за надворешни работи.

Светата столица соопшти дека италијанската премиерка со Паролин разговарала за борбата против сиромаштијата, семејните проблеми и нискиот наталитет во Италија, за што Мелони и папата Франциск веќе изразија стравување.

Во соопштението се наведува дека соговорниците разговарале за војната во Украина и миграцијата.

Мелони, чија екстремно десничарска коалиција победи на изборите во септември, често зборува за нејзината католичка вера и учествуваше на конзервативни митинзи за Денот на семејството во Италија, чија цел е промовирање на „традиционалните“ семејни вредности.

Италијанската премиерка вети дека нема да ги укине правата за абортус, но рече дека ќе усвои иницијативи за подобра поддршка на семејствата за да помогне да се смени „демографската зима“.

Никогаш не сум си дозволила да го критикувам папата, но признавам дека не сум го разбирала секогаш. Се надевам дека еден ден ќе ја имам привилегијата да разговарам со него, бидејќи сум сигурна дека неговите директни зборови ќе му дадат смисол на она што не го разбирам, напиша таа.

Папата и посака успех на Мелони и ја повика централно-левичарската опозиција да работи конструктивно и одговорно со новата влада, прва коалиција предводена од екстремната десница во Италија од крајот на Втората светска војна и прва на чие чело е жена.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.