Италијанската наставничка, Иларија Салис, на која и се суди во Унгарија за напад врз група неонацисти и се наоѓа во домашен притвор во Будимпешта, е избрана за пратеник во Европскиот парламент во Италија.

Како кандидат на лево-зелената алијанса АВС, 36-годишната Салис освои толку повластени гласови во Италија што и е обезбеден мандатот во Европскиот парламент, пишува ДПА. Алијансата АВС го удвои својот изборен успех во споредба со последните избори на 6,7 отсто.

Случајот веќе некое време ги затегнува односите меѓу Унгарија и Италија. Салис е обвинета дека во февруари минатата година физички ги нападнала учесниците на собирот организиран во чест на злогласните нацистички СС, заедно со уште неколку учесници на контра-демонстрациите.

Според обвинителството, во нападот тешко биле повредени шестмина учесници на неонацистичкиот собир. На почетокот на судењето во јануари оваа година, Салис беше донесена во судницата со лисици на рацете и нозете, што предизвика негодување во Италија. Откако платила кауција, таа била ослободена од затвор и ставена во домашен притвор.

Дпа потсетува дека секоја година околу 11 февруари голем број десничарски екстремисти од Унгарија и од странство се собираат во Будимпешта на комеморацијата на операцијата на СС на крајот на Втората светска војна.

АВС и семејството на Иларија Салис побараа нејзино итно ослободување од притвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.