Италијанската влада воведе еднократен данок од 40 отсто на добивката на банките, а собраните пари планира да ги искористи за да им помогне на луѓето кои земаат хипотекарни заеми да го купат својот прв имот.
Остриот пораст на каматните стапки на централната банка им донесе рекордни профити на банките бидејќи тие можеа овој раст да го пренесат на кредитокорисниците, а во исто време не ги зголемија значително каматните стапки на депозитите. Земјите како Шпанија и Унгарија веќе воведоа данок на прекумерната добивка на банкарскиот сектор.
Италијанската влада годинава ќе ја оданочува со еднократен данок од 40 отсто нето каматната маржа на банките, што ја претставува разликата меѓу каматите на заемите и депозитите и е извор на заработката на банките. Се проценува дека со овој данок државата ќе инкасира нешто помалку од три милијарди евра, дознава Ројтерс од добро упатени извори.
Десничарската влада на Италија постојано ги критикуваше банките дека не ги пренесуваат повисоките трошоци за пари на штедачите, но презеде мерки само по најновиот сет рекордни приходи пријавени од банките кон крајот на јули и почетокот на август.
Сите италијански банки работеа многу подобро од очекуваното и ги зголемија проценките за профитот благодарение на зголемените каматни стапки. Водечката италијанска банка Intesa Sanpaolo на крајот на минатиот месец објави дека очекува добивка од над 13,5 милијарди евра од нето каматната маржа оваа година.
UniCredit, исто така, го подобри своето финансиско водство за оваа година и сега очекува да постигне нето приход од повеќе од 21,5 милијарди евра и нето добивка од повеќе од 7,25 милијарди евра оваа година.
Треба само да ги погледнете профитите на банките во првата половина од годината за да разберете дека не зборуваме за неколку милиони, туку за милијарди – рече вицепремиерот Матео Салвини на прес-конференција во Рим доцна вчера.
Ако (е точно дека) товарот на повисоките каматни стапки е двојно зголемен за домаќинствата и бизнисите, она што го добиваат имателите на тековните сметки сигурно не е двојно зголемено, изјави Салвини, додавајќи дека постои голем јаз меѓу применетите стапки на заемите и депозитите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.