Владата на САД заклучи дека иранската влада стои зад хакирањето и протекувањето податоци насочени кон претседателската кампања на републиканскиот кандидат Доналд Трамп и кампањата на американскиот претседател Џозеф Бајден и кандидатката на демократите Камала Харис, соопштија ФБИ и други американски разузнавачки агенции.

ФБИ го информираше Трамп за своите прелиминарни наоди откако медиумите објавија дека добиле документи за кои се верува дека се од профил на висок функционер од кампањата на Трамп, а штабот на Камала Харис соопшти дека хакерите биле неуспешни во нивните обиди да ја хакираат нејзината кампања, пренесува Си-Ен-Ен.

Меѓународната заедница е убедена дека преку социјален инженеринг и други напори, Иранците бараа пристап до поединци со директен пристап до претседателските кампањи на двете политички партии. Таквите активности имаат за цел да влијаат на изборниот процес во САД, се вели во соопштението на ФБИ, Канцеларијата на директорот на националната разузнавачка служба и на Агенцијата за кибер безбедност и инфраструктурна безбедност.

Се додава дека таквиот пристап не е нов и оти Иран и Русија ја користеле оваа тактика не само во САД за време на овој и претходните изборни циклуси, туку и во други земји во светот.

Иранската мисија во ОН ги отфрли, како што ги нарече, „непоткрепените“ тврдења дека Иран стои зад хакерската операција.

Ваквите обвинувања се неосновани. Исламската Република Иран нема ниту намера ниту мотив да се меша во претседателските избори во САД. Доколку американската влада искрено верува во валидноста на нејзините тврдења, треба да ни достави релевантни докази, соопшти постојана мисија на Иран во ОН за Си-Ен-Ен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.