Интензивни борби се водат околу најголемите градови во Појасот Газа, а Министерството за здравство на Хамас утринава соопшти дека во израелските напади во близина на градот Газа загинале 40 лица.

Се додава дека „десетици“ луѓе се убиени во Џабалија, на северот на Газа и во Кан Јунис, на југ.

Израелските војници, поддржани од воздушни напади, вчера се судрија со борците на Хамас во Кан Јунис, најголемиот град на југот, кој стана епицентар на војната.

Според податоците на Министерството за здравство на Хамас, од почетокот на војната, во израелските бомбардирања во Газа убиени се 17.177 луѓе, од кои 70 отсто биле жени и лица помлади од 18 години.

Американскиот претседател Џо Бајден во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „инсистирал на апсолутната потреба да се заштитат цивилите“, како и на потребата да се прави разлика меѓу цивилното население и Хамас, објави Белата куќа.


МИА


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.