Канадскиот воен брод Маргарет Брук вчера вплови во пристаништето на главниот град на Куба, Хавана, каде оваа недела пристигнаа две нуклеарни подморници, едната руска, а другата американска.
Тоа е „прва посета на Кралската канадска морнарица на Хавана од 2016 година“, соопшти Канадската заедничка оперативна команда. Бродот Маргарет Брук во Хавана ќе остане до 17 јуни, а според Кралската кандаска морнарица тоа е „признание за долгогодишните билатерални односи“ помеѓу двете земји.
На 12 јуни во Хавана вплови руската нуклеарна подморница Казан, придружувана од фрегатата Адмирал Горшков, како и танкер со нафта и шлепер.
– Ниту еден од бродовите не носи нуклеарно оружје и тие не претставуваат закана за регионот, соопшти претходно кубанското Министерство за револуционерни вооружени сили.
Пристигнувањето на руската поморска флотила на околу 150 километри од брегот на Флорида доаѓа во време на зголемени тензии меѓу САД и Русија поради војната во Украина.
На Куба од 13 јуни се наоѓа и американска нуклеарна подморница Хелена. Таа е во заливот Гвантанамо, американска поморска база на Островот. Според Американската јужна команда подморницата Хелена е „во рутинска посета“.
САД соопштија дека ја следат ситуацијата во Куба, но додадоа дека распоредувањето на руските бродови не претставува директна закана.
За време на Студената војна, Куба беше сојузник на Советскиот Сојуз. Распоредувањето на советските ракети на Куба во 1962 година ја предизвика Карипската криза, која речиси доведе до војна меѓу САД и СССР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.