Членот на Врховниот политички совет на јеменската милитантна група Хути, Мухамед Али Ел Хути, предложи денеска меѓународните бродски компании и министерствата за транспорт да објават дека бродовите кои минуваат низ теснецот Баб Ел Мандеб во Црвеното Море немаат врска со Израел за да не бидат нападнати од Хутите.

Тој истакна дека овој предлог е „едноставно и евтино решение“ за деескалација на тензиите во Црвеното Море.

Ова е лесен чекор кој ве штити од уцените на Америка и Велика Британија и трошоците за транспортно осигурување, рече Али Ел Хути на „Х“, додавајќи дека за овој чекор не е потребна милитаризација на Црвеното Море и нема да му наштети на меѓународниот превоз.

Според него, на овој начин се зајакнува довербата на јеменските вооружени сили дека бродовите дејствуваат транспарентно и ги спречува САД и нивните сојузници да го искористат морето и да го милитаризираат.

Бродовите ќе продолжат безбедно да пловат без никакви пречки и ќе ја избегнат маката да се вртат околу Кејп Добра Надеж. Тоа е лесен и евтин начин, рече претставникот на движењето Хути.

Ако бродот даде соодветна изјава, но сепак се упати кон израелско пристаниште, ќе биде на „црната листа“ и ќе биде заробен следниот пат кога ќе се обиде да го премине Црвеното Море, предупреди Ел Хути.

Тој повтори дека јеменските вооружени сили работат во Црвеното Море за да ја запрат „криминалната терористичка израелска агресија и да ја укинат опсадата на Газа“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.