Полицијата во американската сојузна држава Тексас објави видео од жена која според нив се породила во тоалет на бензинска пумпа во Хјустон во април оваа година и го оставила бебето кое било пронајдено мртво. Тие се надеваат дека јавноста ќе помогне да се идентификува жената која најверојатно го извршила ужасното злосторство.

Инцидентот се случил во раните утрински часови на 2 април. Новороденото девојче било пронајдено околу 04:30 часот кога била повикана итната помош, но додека тие пристигнале на местото на настанот веќе било доцна, пишува Дејли мејл.

На видеото објавено од страна на полицијата се гледа жена, идентификувана како „Хиспанка“, како излегува од бел автомобил паркиран до бензинска пумпа и влегува во бензинска пумпа, со јасно видливо лице. Истата жена потоа може да се види како излегува од станицата и влегува во бел кадилак и вози.

На видеото не се гледа како жената влегува или излегува од тоалетот, но полицијата тврди дека се работи за „лице од интерес за кое се верува дека е мајка на новороденчето“. Сепак, не се сосема сигурни дека тоа е мајката.

Рекоа дека жената била во тоалетот околу 15 минути, а бебето било пронајдено еден час подоцна. Тие додаваат дека се се случило рано наутро кога многу малку луѓе ја посетуваат бензинската пумпа, а уште помалку го користат тоалетот. Тие потврдија дека никој друг не влегол во тоалетот во наведеното време и дека новороденчето не било во него пред посетата на жената во белиот кадилак.

Исто така, не се знае дали детето е родено мртво, но според информациите од полициската станица, девојчето било мртво „одредено време“ пред да биде откриено. Инспекторите работат на утврдување на причината за смртта. Откако ги исцрпиле сите други опции, тие се обратиле на јавноста со надеж дека ќе ја пронајдат жената и ќе откријат што точно се случило.

„Би сакал да и кажам дека само сакаме да разговараме со неа, да дознаеме информации и да добиеме одговори. Трагично е што ситуацијата се одвиваше вака“, рече шефот на истрагата на конференцијата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.