Хакери цели 15 месеци, во 2021 и минатата година, незабележано пристапувале до избирачките списоци во Велика Британија, соопшти денеска Изборната комисија, додавајќи дека станува збор за „комплексен кибер напад“.
„Непријателските актери“ можеа да пристапат до деталите за името и адресата на секој во Обединетото Кралство што се пријавил за гласање во периодот од 2014 до 2022 година, како и до имињата на оние кои се регистрирани како гласачи во странство, се наведува во соопштението на Комисијата, пренесува Блумберг.
Комисијата признава дека хакерите првпат пристапиле до системите на Изборната комисија во август 2021 година, но дека кибер нападот бил откриен дури во октомври 2022 година.
Комисијата нагласува дека не постои „висок ризик“ за поединците до чии податоци пристапиле хакерите.
Нападот немаше никакво влијание врз изборниот процес, се наведува во соопштението и се додава дека се уште не се знае кој е одговорен за нападот.
Британската изборна комисија истовремено потврди дека и нејзиниот систем за е-пошта бил хакиран. Извршниот директор на Изборната комисија, Шон Мекнали, во изјава рече дека Комисијата сè уште не е во позиција да знае до кои податоци пристапиле хакерите. Тој додаде дека секој кој бил во контакт со Комисијата или се регистрирал да гласа во периодот од 2014 до 2022 година „треба да внимава на неовластена употреба или откривање на лични информации“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.