Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш предупреди дека ситуацијата во светот денеска е значително полоша отколку пред пет години, поради пандемијата со Ковид-19, климатската криза и поради геополитичките тензии, кои предизвикаа бројни конфликти. Но, за разлика од американскиот претседател Џо Бајден, тој смета дека Русија нема да ја нападне Украина.
Гутереш во интервју за Асошиејтед прес изјави дека не се сменети неговите приоритети, изнесени уште на 1 јануари 2017 година, кога првпат стапи на позицијата шеф на ОН. Дека ќе настојува да се справи со глобалните нееднаквости, кризата со Ковид-19 и со загревањето на планетата како проблем, како и дека останува на својот апел за мир во светот.
На прашањето дали смета дека Русија ќе изврши инвазија врз Украина, Гутереш одговори „не мислам дека Русија ќе ја нападне Украина. Се надевам дека моето мислење е точно“.
Тој напомена дека не верува во воено решение на проблемите кои постојат и дека најрационален начин да се решат тие проблеми, е преку дипломатски пат и низ сериозен дијалог.
Гутереш порача дека потенцијална инвазија би имала „страшни последици“.
Бевме во контакт со највисоки официјални лица во Русија, додаде тој, па нагласи дека ОН не се директно ангажирани во украинската криза.
Пред да стане генерален директор на ОН, Гутереш цели дека функцијата ја замислувал како „градител на мостови и чесен посредник, кој ќе помогне во пронаоѓањето решенија, кои им се од корист на сите вклучени страни“.
Тоа се работи на кои морам да работам секој ден, порача тој.
Тој кажа и дека Советот за безбедност на ОН, кој има овластувања да ги одржува меѓународниот мир и безбедност, но и да воведува санкции, е поделен, а особено неговите пет постојани членови со право на вето.
Русија и Кина се често во конфликт со САД, Британија и со Франција, кога станува збор за некои клучни прашања, како што беше случајот кога се зборуваше за воведување санкции кон Северна Кореја.
Гутереш денеска во Генералното собрание треба да одржи говор пред претставници на 193 членки за своите приоритети за 2022 година. Тој издвои три клучни приоритети, кои како што тврди, многу го загрижуваат- недостигот на вакцинација во голем број делови од светот, особено во Африка. Потоа потребата за намалување на емисиите на штетни гасови за 45 отсто во оваа деценија и, трето, „крајно неправедната“ финансиска ситуација во светот, која, како што наведи тој, ги фаворизира богатите земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.