Германскиот Бундестаг го усвои владиниот „одбранбен чадор“ со кој владината коалиција на канцеларот Олаф Шолц реагира на енергетската криза. Уставно дефинираната „кочница“ за нови задолжувања се укинува по втор пат оваа година. Имено, заобиколувањето на „кочницата“ за нови задолжувања е дозволено само во вонредни ситуации. За владиниот предлог гласаа пратениците од СПД, Зелените и Либералите. Против беше Унијата (ЦДУ и ЦСУ), а Левица и АфД беа воздржани.
Новото укинување на „кочницата“ за задолжувања владата го оправда со последиците од војната во Украина врз цените на енергенсите. А драстичниот пораст на цените на енергијата претставува огромно оптоварување, делумно и загрозување на егзистенцијата на граѓаните и претпријатијата во Германија, стои во усвоениот документ.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја поздрави одлуката на Бундестагот како добра вест за сите оние кои се загрижени поради тековните режиски трошоци, а се надева дека „заштитниот чадор“ ќе помогне во совладување на превисоките цени на енергијата.
Предвидено е со помош на нови кредити уште оваа година да бидат уплатени 200 милијарди евра во Фонд за стабилизација на економијата, создаден за време на пандемијата на корона вирусот, кој сега ќе биде пренаменет. Средствата ќе можат да се користат до средината на 2024 година. Со пари од овој Фонд би требало да се финансира „кочницата“ за ограничување на цените на гасот во Германија, но еден дел и за цената на струјата, односно исплата на помош на фирмите и за стабилизација на увозниците на гас кои се најдоа во големи проблеми поради енергетската криза.
Од Унијата и од Левица стигна жестока критика на сметка на сојузната влада. Финансискиот експерт од ЦДУ Матијас Миделбергер критикуваше што владата од пратениците побара бланко поддршка, без да се знае што ќе прави конкретно.
Имено, засега е отворено на кој начин ќе дејствува владата против драстичниот скок на цените на гас и струја. Во поглед на гасот, владата ангажираше стручна комисија, чиј предлог е сојузната власт за почеток комплетно да го преземат подмирувањето на сметките на граѓаните и фирмите за декември годинава.
Од март идната година на сила треба да стапи горна граница за одредена количина потрошен гас (т.н. основен контингент) – односно 80 проценти од просечната потрошувачка. Се разговара за сличен концепт и во поглед на струјата. Еден дел од основната потрошувачка би бил по повластена цена, а остатокот – по повисока. На таков начин владата сака да осигура штедење на енергијата и тоа и покрај поволната цена за дел од потрошувачката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.