Германија и семејствата на израелските спортисти убиени во 1972 година на Олимписките игри во Минхен се договорија за отштета од 28 милиони евра, објави портпаролот на германското министерство за внатрешни работи.

Семејствата минатиот месец кажаа дека не се задоволни од последната германска понуда и најавија дека во знак на протест ќе ја бојкотираат комеморацијата во понеделник по повод 50-годишнината од терористичкиот напад.

Сојузната влада ќе даде 22,5 милиони евра, покраината Баварија уште пет милиони, а градот Минхен 500.000 евра, кажа портпаролот.

Вооружени Палестинци од радикалната група Црн септември грабнаа на 5 септември 1972 година членови на израелскиот тим во слабо чуваното олимписко село.

За време на заложничката криза која траеше 24 часа беа убиени 11 Израелци, пет Палестинци и германски полицаец.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.