Министрите за внатрешни работи на германските сојузни покраини побараа оваа недела, на кризен состанок поради драстичниот прилив на бегалци, да се изврши притисок врз Србија да ја промени визната политика, која е една од причините за зголеменото доаѓање на бегалците преку т.н. балканска рута

Во Германија растат критиките за визната политика на Србија, која предизвикува зголемен прилив на илегални мигранти во Германија, а владејачката Либерално-демократска партија (ФДП) денеска побара замрзнување на преговорите за членство меѓу Србија и Европската Унија.

Србија испраќа многубројни луѓе од земји како Индија, Бурунди и Тунис во Европската Унија. Имајќи го предвид ова, сметаме дека преговорите за членството на Србија во ЕУ треба да се замрзнат. Една од причините зошто сè повеќе луѓе бараат заштита во Европската Унија е политиката на Србија, која им овозможува на луѓе надвор од ЕУ да влезат во земјата и потоа ги испраќа во ЕУ. Српската влада создава човечко страдање и има за цел да ја дестабилизира Европа“, рече Константин Куле од владејачката ФДП.

Тој во интервју за Шпигел ја критикуваше и блискоста на Белград и Москва.

„Земја која оправдува и брани агресивна војна против друга европска земја не смее да биде членка на Европската Унија“, рече Куле.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер од СПД денеска ги повтори критиките за српската визна политика.

„Србија мора да ја приспособи својата визна политика на онаа на Европската Унија“, рече Фезер на маргините на состанокот на министрите за внатрешни работи во Луксембург.

Таа, исто така, ги критикуваше и мотивите што стојат зад визната политика на Белград.

„Таа политика се ориентира според тоа која земја не го признала Косово. Ова е неприфатливо“, рече Фезер.

Министрите за внатрешни работи на германските сојузни покраини побараа оваа недела, на кризен состанок поради драстичниот прилив на бегалци, да се изврши притисок врз Србија да ја промени визната политика, која е една од причините за зголеменото доаѓање на бегалците преку т.н. балканска рута.

Повеќе од 106 000 нерегуларни влезови во ЕУ се регистрирани од западнобалканската рута во текот на последниве девет месеци, што е зголемување за 170 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на агенцијата Фронтекс.

Рутата ја користеле главно сириски, авганистански и турски мигранти, но забележано е зголемување и на пристигнувањата од Куба, Индија, Бурунди и Тунис.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.