Франција подготвува закон со кој ќе се поедностави издавањето дозволи за изградба на нови нуклеарни реактори со кои ќе ги зголеми своите капацитети во услови на глобалната енергетска криза.

– Овој предлог-закон е одговор на итноста на кризата, истакна владиниот портпарол Оливие Веран по денешната владина средба, на која беше усвоен предлог-законот.

Веран појасни дека предлог-законот, кој треба да биде испратен до Националното собрание на крајот на декември и почетокот на јануари, „нема на ниту еден начин да ги намали условите поврзани со заштитата на животната средина или безбедноста на нуклеарната инфраструктура“.

Францускиот претседател Емануел Макрон ја стави нуклеарната енергија во центарот на плановите да ја направи земјата јаглеродно неутрална до 2050 година и планира да изгради најмалку шест нови реактори.

Официјален претставник на Министерството за енергетика во септември изјави дека целта е да се започне со изградба на првиот реактор од новата генерација EPR2 во Пенли во Нормандија пред крајот на мандатот на Макрон во мај 2027 година, а тој треба да биде оперативен меѓу 2035 и 2037 година.

Ова денеска го потврдија претставници на Министерството.

– Целта е административните одобренија да се издаваат во роковите што ќе ни овозможат да го изградиме реакторот EPR во согласност со роковите, изјави министерката за енергетика Агнес Паниер-Руначер за весникот Ле Екос.

– Тоа е нацрт-закон кој ги поедноставува административните одобренија за нуклеарни реактори што ќе се градат во близина на постоечките нуклеарни централи, рече таа, додавајќи дека се однесува на административни прашања, а не на одлуки за изградба на нуклеарни централи.

На прашањето колку време може да се заштеди на овој начин, таа рече дека станува збор за „години“.

ЕДФ планира да изгради реактори на три постоечки локации: два во Пенли, два во Гравлин на северот на Франција и два во Бугеј на истокот од земјата или во Трикастин на југ.

Владата проценува дека шест нови реактори ќе чинат 51,7 милијарди евра. ссм/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.