За денеска во Брисел се најавени протести на земјоделците од повеќе европски држави на кои се очекува да го изразат своето незадоволство од земјоделската политика на ЕУ, договорите за слободна трговија на Унијата и регулативите на блокот за заштита на животната средина.

Како што соопшти бриселската полиција поради протестите можни се блокади и застои во сообраќајот во градот.

Стартот на протестите е закажан за утрово на платото Хејсел, во близина на бриселскиот саемски комплекс и стадионот „Крал Бодуен“, од каде според најавите земјоделците со своите трактори ќе се упатат кон т.н. европски кварт на Брисел, каде се сместени институциите на ЕУ, при што ќе минат преку голем дел од градот.

Се очекува протестите и блокадите во градот да траат до попладневните часови, поради што полицијата им препорачува на жителите на Брисел да користат јавен превоз, наместо да се движат со своите возила.

Протестите се закажани во неделата кога се одржуваат изборите за членови на Европскиот парламент, што се смета за обид за дополнителен притисок врз институциите на ЕУ.

Денешните демонстрации следат по протестот во Брисел во саботата во организација на групата „Добра храна, добро земјоделство“ и Мрежата за климатска акција (КАН) од кои околу стотина демонстранти побараа европска политика за борба против глобалното затоплување и зачувување на екосистемите, но „без казнување на земјоделците“.

Според организаторите на саботниот протест од суштинско значење е развивање на европска политика за фер транзиција во земјоделско-прехранбените системи во ЕУ.

– Само со здружување на социјалните и еколошките напори ќе можеме да се справиме со кризите со кои се соочуваме и да обезбедиме фер иднина за сите, изјави Миа Манчини од организацијата „Добра храна, добро земјоделство“ за белгиската новинска агенција Белга.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.