Европската комисија најави создавање итен план со цел да им помогне на земјите-членки на ЕУ да се справат без руски енергетски извори, пренесува „Скај Њуз“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека станува збор за иницијатива која го продолжува планот на ЕУ за ослободување од зависноста од руски јаглен, гас и нафта и „оди рака под рака со забрзување на развојот на обновливите извори на енергија“.
Подготвуваме итни планови за Европа. Цените на енергијата се високи и луѓето сосема со право очекуваат да преземеме нешто околу тоа – изјави Фон дер Лајен во чешкиот град Литомисл, каде што го означи почетокот на шестмесечното претседателство на Чешката Република со ЕУ.
Фон дер Лајен порача дека планот, кој треба да биде завршен до средината на јули, ќе се фокусира на две клучни точки: „каде и како да се заштеди енергија на паметен начин за да се намали потребата за руски гас и нафта и да се поддржат земјите кои најмногу зависат од руски енергетски компании“.
Потребен ни е заеднички план кој ќе обезбеди енергијата или гасот да одат таму каде што е најпотребно – изјави фон дер Лајен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.