Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, на вчерашниот митинг во Истанбул, ја нарече опозицијата „про-ЛГБТ“, зајакнувајќи ја својата реторика против неговите противници седум дена пред изборите, чии резултати се очекува да бидат тесни. На собирот во Истанбул присуствувале околу 1,7 милиони луѓе.
Во Турција на 14 мај треба да се одржат претседателски и парламентарни избори, а анкетите покажуваат дека Ердоган се соочува со најголемиот изборен предизвик во неговата дведецениска власт.
На митинг во Истанбул, Ердоган апелираше до неговата конзервативна муслиманска гласачка база, пренесува Хина. „Партијата АКП и другите партии во нашиот сојуз никогаш не би биле про-ЛГБТ, бидејќи семејството е свето за нас. Ќе ги закопаме оние што се про-ЛГБТ во гласачките кутии“, им порача тој на насобраните.
Ердоган во последниве години ја заостри реториката против ЛГБТ заедницата, често нарекувајќи ги членовите „девијантни“.
Вчера, тој го нападна и неговиот клучен изборен ривал, Кемал Киличдароглу, кој ја предводи главната опозициска алијанса. „Мојот народ нема да дозволи пијаници да излезат на сцената“, рече Ердоган.
– Мојата нација ќе го даде потребниот одговор на 14 мај. Нема да дозволиме Киличдароглу, кој е рака под рака со терористите, да ја подели нашата татковина, нагласи турскиот претседател.
Ердоган го обвинува Киличдароглу дека добил поддршка од забранетата Курдска работничка партија (ПКК), која води борби од 1980-тите во кои загинаа повеќе од 40.000 луѓе. Турција, САД и ЕУ ја сметаат ПКК за терористичка група.
Опозицијата претходно ги осуди тврдењата на Ердоган како реторика на поделби и опасна кампања.
На предизборен митинг во источниот град Ерзурум, упориште на Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган, демонстрантите фрлаа камења врз градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, член на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП). Имамоглу подоцна информираше дека во тој инцидент се повредени девет лица.
Градоначалникот на Истанбул, кој би станал потпретседател доколку Киличдароглу победи на изборите, им се обраќал на своите приврзаници од врвот на автобусот кога кон него полетале камења. Имамоглу го прекинал својот говор и го напуштил местото со автобус.
„Заминуваме заради ваша безбедност“, им порача Имамоглу на своите приврзаници, додавајќи дека ќе поднесе кривична пријава против гувернерот на Ерзурум и началникот на полицијата бидејќи дозволиле насилство.
Граѓаните на Турција на 14 мај ќе гласаат на претседателските и парламентарните избори и ќе избираат меѓу четворица претседателски кандидати и 24 политички партии и 151 независен кандидат за пратеници.
Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а за првпат ќе гласаат над 4,9 милиони турски граѓани.
Актуелниот претседател Реџеп Таијп Ердоган, потоа Мухарем Инџе, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, според редоследот на гласачкото ливче, се кандидати за претседател на Турција.
Избирачките места в недела на 14 мај ќе бидат отворени од 8 до 17 часот по локално време, во 87 региони. Избирачките места ќе бидат отворени и надвор од Турција, во 75 земји и 156 претставништва на оваа земја. Повеќе од 3,41 милиони граѓани се пријавени за гласање од странство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.