Хамас не е терористичка организација, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека Хамас е „патриотска организација која ја брани својата територија и народ“.

Тие се воини, рече Ердоган.

Во обраќањето до членовите на неговата партија во парламентот, Ердоган рече дека Израел ги искористи добрите намери на Турција и нема да оди во Израел како што претходно беше планирано, пренесува „Ројтерс“.

Ние не сме му должни на Израел. Но, Западот е должен, рече турскиот претседател и додаде: Нема да го посетам Израел.

Ердоган првпат се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во септември во Њујорк.

Се ракував со тој човек, рече Ердоган, додавајќи дека Израел ги искористил добрите намери на Турција. Тој додаде дека „односите можеа да бидат поинакви, но за жал, тоа нема да се случи“.

Нема да најдете друга земја чија армија се однесува толку нехумано, изјави турскиот претседател во врска со одмаздата на Израел во Газа по крвавиот напад на Хамас на 7 октомври.

Кога утре ќе исчезне помошта на која се потпираат денес, првото место каде што израелскиот народ ќе бара доверба и милост ќе биде Турција, исто како и пред 500 години, заклучи Ердоган.

Претходно денеска турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан најави дека израелската копнена операција во Газа ќе го претвори тамошниот конфликт во масакр.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.