Египетскиот премиер Мостафа Мадбули нареди да се укинат лиценците на 16 туристички агенции кои организираа нелегални патувања на аџилак, откако стотици Египќани починаа за време на годишното поклонение во Саудиска Арабија, објави „Ал Ахрам“.

Управителите на фирмите ќе бидат изведени пред суд, се наведува и во соопштението на кабинетот. Одлуката е донесена за време на состанокот на работната група формирана за случајот од претседателот Абдел Фатах ал Сиси.

Владата соопшти дека починале 31 лице од вкупно 50.752 регистрирани египетски аџии, пишува онлајн изданието „Ентерпрајс Њуз“. Светските агенции цитираа неименуван арапски дипломат дека бројот на жртвите надмина шестотини, од кои повеќето нерегистрирани аџии.

Досега, владината работна група „идентификуваше 16 туристички агенции кои го организираа патувањето на нерегистрираните аџии надвор од официјалните правила на аџилакот и не им обезбедија никакви услуги“, рече портпаролот на кабинетот Мохамед Ел Хомсани во телефонското интервју за телевизијата „Сада ал-Балад“.

Тој додаде дека премиерот наредил веднаш да им се одземат лиценците на компаниите и да се изречат казни во корист на семејствата на починатите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.