Стотици жители на околијата Чумбивилкас во областа Куско во Перу се собраа на Божиќ за да учествуваат во традиционалниот ритуал на тепачки. Целта на оваа традиција е луѓето физички да се пресметаат и да ги решат меѓусебните судири пред да заврши годината.

Борбите имаат за цел „да ги решат“ семејните, романтичните, па дури и имотните спорови со тупаници додека гледачите пеат, танцуваат и навиваат за нивните миленици. „Борците“ традиционално се мажи, но годиниве сѐ повеќе учествуваат и жени.

Традицијата е наречена Таканакуј, кечуански назив што во приближен превод значи „удирање“.

Тепачката вклучува само клоци и тупаници и завршува ако борецот крвари, падне на земја или не може веќе да се одбрани. Луѓе на „Рондерос“, како што е познат околниот правосуден систем на заедниците на Андите, стојат покрај бојното поле за да помогнат во растурањето на борбите кога тоа е потребно.

Борбите традиционално се проследени со јадење, пиење и поворка.

Овогодишниот настан имаше повеќе од 40 тепачки, од коишто секоја траеше приближно две минути. На крајот, со изедначување на резултатот, тепачките обично завршуваат со прегратка, насмевка и ракување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.