Поранешниот боксерски шампион во тешка категорија и актуелен градоначалник на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека тој и неговиот брат Владимир Кличко ќе се борат во „крвавата војна“ што следеше по руската инвазија на Украина, пишува „Ројтерс“.

Немаме избор, мораме да го направиме тоа. Ќе се борам, изјави 50-годишниот градоначалник на Киев, кој оваа функција ја извршува од 2014 година.

Виталиј Кличко рече дека Киев е загрозен и дека главен приоритет е соработката со полицијата и воените сили и поддршката на граѓаните, вклучително и снабдувањето со струја, гас и вода. Тој додаде дека цивилите се подготвени да го бранат Киев како војници.

Верувам во Украина, верувам во мојата земја и верувам во мојот народ, заклучи градоначалникот на Киев.

Неговиот брат Владимир Кличко, исто така поранешен светски шампион во бокс, се пријави во украинската армија на почетокот на овој месец, кога кажа дека љубовта кон својата земја го принудила да ја брани. Тој веќе неколку пати носеше униформа, учествуваше на вежби и рече дека кога ќе треба, ќе ја земе пушката во раце и ќе го брани својот град.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.