Европската унија треба да ја спречи Индија да ја препродава руската нафта во Европа како рафинирано гориво, вклучително и дизелот, изјави високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Борел во интервју за „Фајненшл тајмс“ изјави дека тоа прашање ќе го покрене денеска во разговор со министерот за надворешни работи на Индија, Субрахмањам Џаишанкар.

Доколку дизелот или бензинот влезе во Европа од Индија, која ја преработува руската нафта, тоа секако е заобиколување на санкциите против Русија и земјите-членки на ЕУ мора да преземат мерки во овој поглед-посочи Борел.

Тој рече дека секој механизам за запирање на протокот на руска нафта треба да го спроведат националните власти, што значи дека треба да се провери кои компании купуваат нафтени деривати од Индија.

Индиските рафинерии, кои претходно ретко купуваа руска нафта поради високите транспортни трошоци, увезуваа од 970.000 до 981.000 барели нафта дневно во фискалната 2022/2023 година (април – март), што претставува повеќе од една петтина од вкупниот увоз на гориво во Индија.

Во изминатата година, Индија се наметна како најголем купувач на руска нафта од почетокот на војната во Украина.

Пристапот до евтина руска нафта го зголеми производството и профитот на индиските рафинерии, што им овозможува да извезуваат рафинирани производи во Европа и да заземат поголем дел од пазарот.

Најголемиот руски производител на нафта „Роснефт“ и главната индиска рафинерија „Индиан оил корп“ потпишаа договор за значително зголемување и диверзификација на квалитетот на нафтата што се испорачува во Индија.

Индија извезуваше во Европа во просек по 154.000 барели дневно дизел и авионско гориво пред војната во Украина. Сепак, ова се зголеми на 200.000 барели дневно откако ЕУ го забрани увозот на руски нафтени деривати од 5 февруари годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.