Во шест американски сојузни држави ќе бидат распоредени дополнителни 1.000 воени здравствени работници за да им помогнат на болниците преплавени со пациенти поради растот на случаите на Ковид-19 поврзани со сојот омикрон.

Следната недела тимови од по седум до 25 воени лекари, медицински сестри и друг медицински персонал ќе почнат да пристигнуваат во Мичиген, Њу Џерси, Њу Мексико, Њујорк, Охајо и Род Ајленд, со цел да им помогнат на екипите на брза помош и на болничкиот персонал да му овозможат да продолжи со негата за другите болни – соопштија од Белата куќа.

Бајден во 10:30 часот наутро по локално време ќе има обраќање до јавноста за да го даде одговорот на неговата администрација на заканата од Ковид-19, а покрај него ќе бидат секретарот за одбрана Лојд Остин и началникот на Федералната агенција за управување со вонредни состојби Дина Крисвел.

Барањето број еден и натаму е персоналот. Другите држави најверојатно ќе треба да регрутираат воени и други федерални лекари и медицински сестри за да се борат со Ковид-19 и другите болести додека омикрон се шири низ целата земја – најави Крисвел за „Си-Ен-Ен“.

Администрацијата на Бајден од јули распоредуваше федерални тимови за да се борат против делта сојот. Бајден во декември му нареди на Остин да подготви дополнителни 1.000 припадници на здравствените сили и испрати повеќе од 100 сојузни припадници на медицинскиот персонал во Аризона, Индијана, Мичиген, Њу Хемпшир, Вермонт и Висконсин.

Бројот на хоспитализирани лица заразени со Ковид-19 неделава го достигна својот пик откако постојано се зголемуваше од крајот на декември, додека сојот омикрон ја презеде доминацијата од делтата сојот како доминантна варијанта на корона вирусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.