Префрлањето на Авдивка под контрола на руските сили е цената за непостапувањето на Конгресот, изјави денеска портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон и го повика Претставничкиот дом веднаш да го одобри барањето за дополнителни финансирања за Киев.

Ова е цената на неактивноста на Конгресот. Украинците продолжуваат храбро да се борат, но нивните залихи на оружје се намалуваат. Од витално значење е Претставничкиот дом брзо да го одобри барањето за дополнително финансирање за Украина, за да можеме да им обезбедиме артилериска муниција и друга критична опрема што им е потребна за заштита на нивната земја, рече Вотсон.

Украинските војници се повлекоа од разурнатиот источен град Авдивка.

Американскиот претседател, Џо Бајден, претходно оваа недела предупреди дека Авдивка може да падне во рацете на руските сили поради недостиг на муниција по неколкумесечното републиканско противење на новиот пакет американска воена помош за Киев.

Претходно, за време на говорот на Минхенската безбедносна конференција, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека повлекувањето на украинските вооружени сили од Авдивка е резултат на недоволната помош од Западот и недостигот на муниција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.