Американскиот претседател Џо Бајден денеска треба да одржи видеоконференција со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија на која ќе разговараат за „последниот развој во однос на Русија и Украина“, соопшти Белата куќа.

Разговорот со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Борис Џонсон е закажан за 16:30 по централноевропско време. Вашингтон бара од сојузниците да воведат можно ембарго за руската нафта поради инвазијата на Москва врз Украина.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој е во посета на Европа, рече дека САД и нивните сојузници водат „многу активна дискусија“ за забраната на увоз на руска нафта.

Цените на нафтата денеска го достигнаа највисокото ниво од 2008 година, поради страв од недостиг.

Во првите неколку минути од тргувањето суровата нафта Брент достигна 139,13 долари за барел, највисока цена од 2008 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.