Американскиот претседател Џо Бајден ги нарече во петокот јеменските сили Хути „терористичка“ група откако американски и британски воени авиони, бродови и подморници извршија десетици ракетни напади во текот на ноќта ширум Јемен.

Бајден рече дека Вашингтон ќе одговори на Хутите доколку продолжат со, како што рече, „безобразното“ однесување. „Мислам дека се“, им рече Бајден на новинарите во петокот на прашањето дали е подготвен да ги нарече Хутите „терористичка“ група. „Ќе се погрижиме да одговориме на Хутите доколку продолжат со ова срамотно однесување заедно со нашите сојузници“, додаде тој.

Белата куќа претходно во петокот соопшти дека САД не сакаат војна со Јемен, но нема да се двоумат да преземат дополнителни чекори.

„Не е важно дали се етикетирани (како терористи). Собравме група нации (кои) ќе кажат ако продолжат да дејствуваат и да се однесуваат како што прават, ние ќе одговориме“, им рече Бајден на новинарите и додаде дека е загрижен за влијанието на војната на Блискиот исток врз цената на нафтата.

Хутите се побунија во 2014 година против јеменската влада која ја обвинија дека е попустлива на сунитската терористичка организација Ал Каеда која контролираше големи делови од Јемен. Во своето брзо напредување го заземаа главниот град Санаа кој сѐ уште го држат под контрола, како и најголемиот пристанишен град Аден од кој подоцна беа истиснати.

Изминатите години, силно поддржани од Иран, се судираа со сунитската коалиција предводена од Саудиска Арабија. Меѓутоа, од избувнувањето на војната по 7-ми октомври во Појасот Газа меѓу Израел и радикалното палестинското исламистичко движење Хамас, Хутите ги прекинаа непријателствата со околните арапски сунитски земји, и контролирајќи го поголемиот дел од Јемен со седмици го отежнуваат пловењето низ теснецот Баб ал-Мандаб на југот на Црвеното Море. Солидирајќи се со Палестинците, Хутите предупредија дека ќе ги гаѓаат сите бродови кои пловат кон Израел или се во сопственост на израелски компании. Движењето се заканува дека ќе продолжи со нападите врз израелските бродови во Црвеното и Арапското Море додека не престанат непријателствата во Појасот Газа.

Нападите врз комерцијалните бродови од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7. октомври ги поттикнаа големите бродски компании да ги пренасочат своите бродови во јужниот дел на Африка, и покрај повисоките трошоци за гориво за долгите патувања. Црвеното Море е „автопат“ што го поврзува Медитеранот со Индискиот Океан, а со тоа и Европа со Азија. Секоја година низ Суецкиот канал минуваат околу 20.000 бродови, што претставува околу 40 отсто од светската трговија.

Белата куќа го обвинува Иран дека е вклучен во планирањето на нападите на Хутите, бидејќи им обезбедува „софистицирана воена опрема“ и „разузнавачка помош“, без која јеменските бунтовници тешко би ги забележале и погодиле бродовите. САД, исто така, иницираа формирање меѓународна поморска коалиција којашто ќе ја гарантира безбедноста на комерцијалната пловидба во Црвеното Море, и досега американсите воени бродови повеќепати соборуваа бесполитни летала и проектили чиешто лансирање им се припшишува на Хутите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.