Владата на САД скришно ги охрабрува американските земјоделски и бродски компании да купуваат и транспортираат повеќе руско ѓубриво, велат извори запознаени со ситуацијата, додека стравувањата од санкции доведоа до голем пад на залихите, што доведе до зголемување на цените на храната.
Напорите на владата се дел од сложените и тешки преговори, во кои се вклучени и Обединетите Нации, чија цел е зголемување на снабдувањето со ѓубрива, житарки и други земјоделски производи од Русија и Украина, нарушено од инвазијата.
Американските и европските претставници го обвинија официјален Кремљ дека ја користи храната како оружје, додека Русија го негира тоа и ги обвини санкциите наметнати на САД и нивните сојузници за прекин на испораките.
ЕУ и САД воведоа исклучоци од нивните ограничувања за водење бизнис со Русија, со цел да дозволат трговија со ѓубрива, на кои Русија е клучен глобален снабдувач. Но, многу сопственици на бродови, банки и осигурителни компании избегнуваат таква трговија поради страв од ненамерно прекршување на правилата. Рускиот извоз на ѓубрива падна за 24 отсто оваа година, а американските власти, изненадени од оваа голема претпазливост, се во навидум парадоксална ситуација, барајќи начини да ги поттикнат да увезуваат повеќе, пишува „Блумберг“.
Притисокот од САД дополнително го нагласува предизвикот со кој се соочува Вашингтон и неговите сојузници додека се обидуваат да го зголемат притисокот врз Русија, но и да ја ограничат колатералната штета на глобалната економија, која е во голема мера зависна од руските резерви на природен гас и нафта, како и на вештачки ѓубрива и семиња. Цените на сите производи дополнително се зголемија од почетокот на војната во февруари, нешто што рускиот претседател Владимир Путин редовно го истакнува во неговите јавни напори да ја поткопа поддршката за западните санкции.
Според извори запознаени со ситуацијата, претходно овој месец, Вашингтон испратил претставник во Москва на разговори предводени од ОН за прашањата за снабдување. Несоодветната испорака на вештачко ѓубриво оваа година може да влијае и на посевот следната година.
Кремљ ги повика САД да им гарантираат на купувачи и испраќачите на вештачки ѓубрива и житарки дека нема да подлежат на санкции, сугерирајќи дека тоа е првиот услов за деблокирање на испораките на украинските земјоделски производи.
Иако Русија тврди дека стравувањата од санкции го забавуваат и нејзиниот извоз на жито, вкупните испораки се намалени за само 14 отсто оваа сезона, а извозот на пченица се удвоил во мај, покажуваат податоците на Руската унија за жито.
Од друга страна, повеќе од 25 милиони тони житарки, сончогледово масло и други земјоделски производи се заглавени во Украина поради безбедносни стравови околу пристаништата на Црното Море и бродските рути кои традиционално се користат за транспорт до светските пазари.
Преговорите за ослободување на пратките се бавни, а како што вели Путин, негативно влијаат и постапките на на Украина, која масовно поставува морски мини околу пристаништата за да ги заштити од можни руски напади. Киев одговори дека не и верува на Москва дека нема да ги нападне.
Турција минатата недела ја поддржа Русија, при што повика на олеснување на санкциите, но обидите на Анкара да посредува во решавањето на проблемите со испораката досега не успеаја.
Поморските компании остануваат крајно претпазливи, со оглед на санкциите и безбедносните стравови, а официјалните лица забележуваат дека ќе бидат потребни повеќе усогласени меѓународни гаранции за да се убедат во спротивното. Напорите за транспорт на украински производи со железница до Европа дадоа ограничени резултати поради логистички проблеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.