Африканската унија денеска соопшти дека ги поддржува одлуките на западноафриканскиот регионален блок ЕКОВАС за Нигер и ја повика меѓународната заедница да го спаси животот на претседателот Мохамед Базум, чии услови во притворот на воената хунта, која го собори од власта,се влошуваат, пренесуваат британските медиуми.

Економската заедница на западноафриканските држави-ЕКОВАС, вчера соопшти дека сите опции се уште се во игра и одлучи да ги стави силите во состојба на готовност за можна воена интервенција.

Претседателот на Комисијата на Африканската унија, Муса Факи Махамат, ја поддржа одлуката на ЕКОВАС да почне воена операција во Нигер, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Африканската унија, пренесе Тасс.

Махамат изрази загриженост за ситуацијата во Нигер и повика на „итно ослободување“ на претседателот Мохамед Базум, неговото семејство и членовите на владата, изјавувајќи дека условите во кои тие се држат се „лоши“.

Претседателот на Брегот на Слоновата Коска, Аласан Уатара, по враќањето од самитот одржан вчера во Абуџа, изјави дека лидерите на ЕКОВАС се согласиле да почнат воена операција во Нигер што е можно поскоро. Уатара нагласи дека Брегот на Слоновата Коска ќе обезбеди баталјон од 850 и 1.100 војници за ваквата операција, а ќе учествуваат и Бенин, Нигерија и други земји.

Американските медиуми вчера објавија дека лидерите на армијата во Нигер наводно ѝ соопштиле на в.д. заменик државната секретарка на САД, Викторија Нуланд, дека имаат намера да го убијат соборениот претседател Мохамед Базум, доколку соседните земји почнат воена интервенција во обид да го вратат на власт доскорешниот шеф на државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.