Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска организира сенароден собир во знак на протест поради односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на Предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост, бидејќи ги сметаат за сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.
Светиот архиерејски Синод на МПЦ – ОА на прес-конференцијата во вторникот упати апел за учество на собирот и потенцира дека тој не е насочен против никого, туку исклучиво против содржината на овие предлог-закони.
Образложивме во повеќе наврати и во самото соопштение, експлицитно изразуваме протест против новиот контекст што му се дава на поимот род, против родовата компонента која што е застапена во Предлог-законот за родова еднаквост и се користи, се злоупотребува на уште поексплицитен начин во Предлог-законот за матична евиденција, којшто предвидува промена на ознака за пол при изјава која што би се базирала на субјективни индивидуални чувства на поединецот. Ја користам оваа можност да го повикаме допопнително народот за присуство заради тоа што овој протестен рефлекс што црквата го пројавува, сосема погрешно се интерпретира во јавноста, анализирајќи се и перцепцирајќи ја црквата единствено како институција. Црквата е многу повеќе, црквата е жив организам составен од конкретни луѓе, од заедница која што има вредносен систем кој е апсолутен контрас, апсолутно спротивен на она што ни го нудат и што се закануваат да го донесат овие два предлог закони во нашето општество, но и во црквата, рече на прес-конференцијата епископот Јаков Стобиски.
Појасни дека МПЦ не е против остварување на нечии права туку смета дека она што е спорно во овие закони е дека тие може ќе придонесат за поголемо остварување на нечии права, на поединци или на групи, но тоа, вели, сериозно би ги загрозило правата на мнозинството, на 99 проценти од населението во државава.
Тој, воедно потенцираше дека како црква се оградуваат однапред од каква било злоупотреба во некакви свои цели на овој собир, и не поддржуваат говор на омраза.
Не поддржуваме никаков говор на омраза, и никакво скандирање и повикуваме на мирни протести. Едноставно да кажеме „не“. Нашиот собир, присуството на тој собир би значело дека не се согласуваме со вакви предлог законски решенија во таква форма, вели епископот.
На фотографиите може да се забележи дека МПЦ-ОА доби поддршка од Католичката црква. Рамо до рамо со поглаварот г.г. Стефан стои Киро Стојанов. Присутни се и претставници на протестантската црква и на еврејската заедница.
ИВЗ иако е протов законите за родова еднаквост, најави дека нема да присуствува на собирот.
Во видео – порака објавена ден спроти собирот, епископот Стобиски нагласува дека собирот е со цел заштита на децата и семејството.
Имаме должност да ја разобличиме лагата, силно и јасно да изговориме и да ја исповедаме вистината, но и да ги заштитиме децата и семејството, и да ја одбраниме слободата што не ни е дадена туку така, но за неа не некој друг, туку Христос има платено скапа цена, премногу скапа за да станеме робови на луѓе на некакви човечки идеологии спротивни на духот на Евангелието, вели епископот во видео-пораката.
Светиот архијерејки синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, во понеделникот, преку соопштение до јавноста и видео обраќање на поглаварот г.г. Стефан го објави повикот за Сенароден собир пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје поради процесот на носење на двата спорни закона со порака дека „сите имаме должност да застанеме во одбрана на она што сме го примиле и наследиле од нашите предци да го продолжиме и да им го оставиме на поколоенијата по нас“.
Светиот архијерејки синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со голема загриженост го следи процесот на носење на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција. Во предложените закони се упати на низа спорни елементи од страна на стручни лица, експерти и граѓани, но тие не се земаат предвид. Напротив, законите се обидуваат да се донесат што побрзо и нетранспарентно, на штета на граѓаните, а особено на жените и децата, стои во повикот за собирот.
Одлуката за организирање на собирот беше донесена на седница на САС на МПЦ-ОА на 20 јуни. Во соопштението од седницата, меѓу другото, се изразува особено жалење и загриженост што релевантните институции го игнорираа соопштението од сите верски заедници, кои претставуваат над 95 проценти од населението, за повлекување од процедура на двата закона и продолжуваат со постапката во скратена форма за сите собраниски филтри, за нивно целосно носење, а кои се сметаат за сериозна закана за општеството, особено за неговата основна клетка – семејството.
Сенародниот собир во организација на Светиот Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, предвидено е да започне во 18 часот пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.