Утре од 21 часот до пет часот в недела дел од Скопје ќе остане без вода. Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека ќе се врши зафат за приклучување на селата во Сарај на градскиот водовод, како и менување цевки на Водно.
„Заради решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето во 12 населени места во Општина Сарај, ќе се врши зафат за приклучување на мрежата, кој ќе почне в сабота во 21 часот и се предвидува да заврши до пет часот наутро в недела. Заради реализацијата на оваа реконструкција се очекува намалување на притисокот на водоснабдувањето за граѓаните во Општина Сарај и дел од Општина Ѓорче Петров“, велат од „Водовод и канализација“.
Без вода ќе бидат и жителите од реоните Водно и Козле, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, Вила Водно и резиденцијални објекти во реонот Водно. Од „Водовод“ велат дека во овие делови од Скопје ќе се реконструира водоводната мрежа во Центар, и тоа реон Водно, за да немало загуби на вода. Од претпријатието не кажуваат зошто мора во ист ден да се вршат два зафата во различни делови на градот.
Најава за приклучување на Сарај на водоводот имаше пред три месеци, но тогаш од претпријатието пратија само куса информација во која беа наведени населбите кои ќе останат без вода, Откако медиумите ја објавија информацијата дека Скопје ќе биде без вода, интервенцијата беше откажана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.