В.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Александар Стојковски во интервју за МИА вели дека долгот кон приватните превозници го наследил кога стапил на функцијата пред шест месеци. Смета дека треба да се подмири, но најпрво да се утврди колкав е реалниот долг откако ќе заврши увидот направен од Финансиската полиција и Управата за јавни приходи.

– Со моето стапување на функцијата пред шест месеци во ЈСП, имаше долг кон приватните превозници. Во моето тековно работење, сите доспеани фактури што ни беа доставени од приватните превозници, се редовни исплаќани. Се работи за заостанат долг, којшто ние сакавме тековно пополека да го затвориме. Последната уплата е на 8 ноември. Последниот период направивме анализа, што мислам дека е обврска на секој директор кога ќе дојде да направи комплетна функционална и финансиска анализа на работењето на едно претпријатие. Дојдовме до сознанија дека последните пет години приватните превозници не уплаќале, односно не задолжувале никакви карти, а тоа е нивна обврска којашто е договорена односно јасен е член 5 од договорот меѓу ЈСП и приватните превозници, посочува Стојковски.

Стојковски открива и зошто е раскинат договорот со „Макеспрес“. Ги отфрла како шпекулации информациите дека нема нафта за автобусите на ЈСП и тврди дека нема да има зголемување на цената на билетот без оглед на случувањата на глобално ниво со цената на нафтата.

– Категорично тврдам дека во ЈСП нема недостиг на нафта. Жал ми е што во последниов период има такви шпекулации и невистини по одредени портали и медиуми. Никогаш нема да биде ставено во опасност функционирањето на ЈСП и опслужувањето на граѓаните во Град Скопје. Би сакал да напоменам дека без оглед на случувањата на глобално ниво со покачување на цената на нафтата, ЈСП не планира да направи корекции, односно покачување на цената на билетот, нагласува Стојковски.

Тврди дека автобусите на ЈСП се технички исправни и најавува нови вработувања за возачи поради одлив на кадар по основ на пензионирање.

Ветува и дека Скопјани ќе добијат бесплатен јавен превоз. Вели дека работите се ставени во мирување поради актуелната економска и енергетска криза, но дека се прават подготовки за да се реализира ветеното пред граѓаните на главниот град.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.