Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше во одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи.

Претседателот Пендаровски ја предводеше Поворката на живите од старата железничка станица до тутунскиот комбинат, во спомен на македонските Евреи депортирани во нацистичкиот логор Треблинка.

Претседателот Пендаровски оддаде почит и положи цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во кругот на тутунскиот комбинат, каде беа поставени и камчиња со нивните имиња. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски оцени дека ова е критично време кога бројот на преживеани сведоци на холокаусот се намалува, а антисемитизмот, за жал, се зголемува и порача дека наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме, за да не дозволиме, како што рече, никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството. Според претседателот Пендаровски, правдата подразбира да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, рече македонскиот претседател, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.