Искрено изминатиов период видовме неколку случувања во Градот Скопје каде што директно или индиректно сме вклучени ние како градоначалници на скопските општини. Јас конкретно имав минатата недела, каде што на отпочнување на реконструкцијата на улицата „Перо Наков“ не бев поканет од страна на градоначалничката на Градот Скопје. Иако морам да потенцирам Општина Гази Баба беше вклучена во сите процедури за отпочнување на реализација на овој голем проект кој што е од особен интерес за жителите на општина Гази Баба“, истакна Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба во емисијата „Вечерното шоу на Богдан Илиевски“ на Алфа телевизија.
Стефковски додаде дека Општина Гази Баба беше вклучена во сите процедури на проектот кој што е од значење на жителите, но кога дојде до отпочнување на реализација тој не беше поканет од страна на градоначалничката на Град Скопје.
Како што соопштив Општина Гази Баба беше вклучена во сите постапки од барања преку урбани и месни заедници до склучување на договор за меѓуопштинска соработка односно носење на одлука за меѓуопштинска соработка и издавање на сите оние пропратни одобренија за отпочнување на проект“, појасни Стефковски.
„Јас бев еден од првите градоначалници што на своја кожа народски кажано го почувствува она што провејуваше изминатиов период во јавноста дека имаме недоволна и ниско ниво на комуникација помеѓу локалните самоуправи со Градот Скопје. Искрено јас како градоначалник и како еден од лицата што заедно со неа одевме во кампања и ја баравме довербата од граѓаните ветувајќи ги сите овие проекти, секој проект што е од интерес на граѓаните, а се однесува на Општина Гази Баба јавно ќе го поддржам и ќе го пофалам, меѓутоа чекаме од Градот Скопје да се вклучи со поголема динамика во реализација на други проекти кои што заедно ги имаме ветено, а се од директна надлежност на Градот Скопје. Знаеме дека во општина Гази Баба владее сообраќаен хаос, кој што е еден од главните проблеми на урбаните населени места, тука во самата програма на Градот Скопје има реализација на неколку капитални проекти и се надевам дека во наредниот период ќе се изнајде решение за тие проекти“, рече градоначалникот.
Тој посочи дека тука е и пробивање на булеварот „Хрватска“ кој што е од исклучително значење за растеретување на сообраќајот на потегот Железара, Автокоманда, Керамидница со Центар и со останатиот дел на општините. И се надева дека Градот Скопје ова ветување ќе го исполни на граѓаните на општина Гази Баба.
Исто така се надевам дека Градот Скопје ќе го реши проблемот со проширување на булеварот „Александар Македонски“ со уште една лента. Исто така има ветување за изградба на натпатник со приклучоци кон новата населба Хиподром 2 и кон населеното место Инџиково. Тоа е проект кој што е од исклучително значење за жителите во тој дел на Гази Баба, и со тоа апелирам да се започне со тој проект. И нормално во руралните населени места изминатиов период имавме проблем со сообраќајот односно со автобускиот превоз на ЈСП, и изминатите неколку месеци имаме неколку населени места што се комплетно отсечени од јавен превоз“, нагласи Стефковски.
Градоначалникот напомена дека има доста голем проблем и со кучињата скитници, и апелира до Градот Скопје да излезе со конкретен план со цел го реши овој проблем.
Сите проекти кои што ќе се реализираат во интерес на граѓаните нормално дека ние како градоначалници ќе ги поддржиме, ќе ги поздравиме“, укажа Стефковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.