„Еден од горливите проблеми со кои што се соочуваат младите родители, младите брачни парови е уписот на деца во градинките. Ние како Општина имаме список од 460 деца кои што чекаат на листа за чекање за упис во градинка. И тук би го акцентирал она што претходниот градоначалник немал чувство за оваа проблематика. Односно од период од четири години нема изработено планска документација за изградба на градинки во конкретно населено место. Ние ги имаме мапирано потребите во нашата општина, каде имаме потреба за изградба на детски градинки согласно листата на чекање во одредени населени места“, истакна Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба во гостување во емисија „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Стефковски додаде дека истите четири градинки што ги има тој во програма ги имал и претходниот градоначалник. Но разлика е тоа што тој претходен градоначалник за цели четири години ниту една градинка нема изградено. За тие населени места не е изработено ниту урбанистичка документација, каде што треба да се вцрта маркица за детска градинка, а ниту пак е изработен основен проект за изградба на градинка. Е токму тоа е доказ дека се работело претходните четири години без план и неодговорно.

„Јас во првите два месеци се зафатив со изработка на планска документација и во постапка имаме планска документација за две градинки. И убеден сум дека првата детска градинка ќе започнеме со изградба во летниов период јули или август месец. Најдоцна да бидам попрецизен септември ние ќе имаме камен темелник на прва детска градинка во општина Гази Баба која што ќе биде со капацитет од околу 150 дечиња. И во фаза сме во завршување на изработка на основниот проект“, рече Стефковски.

Стефковски посочи дека втората детска градинка за која што исто се има обезбедено средства од буџетот на Општината се однесува на населено место Трубарево, каде што во моментов се работи на изработка на урбанистички проект. И се надева дека до крајот на годината ќе се успее да се стартува со изградба на таа градинка.

„А, несоработката со централните институции ќе го акцентирам во два моменти, ние бевме единствена општина која што аплицираше на повикот на МТСП односно преку канцеларијата на Светската Банка каде што поднесовме апликација за финансиска поддршка за изградба на детска градинка. Се знае надлежноста покрај локалната самоуправа ја има и МТСП која финансира изградба на детски градинки во одредени општини. Партиципацијата за изградба на детска градинка беше 70% да го сноси финансискиот импакт Општината, 30% да учествува МТСП. Бевме одбиени за оваа апликација со некакви изговори околу проектот и сл. Но, доколку имаше проблем со документацијата требаше да ни дадат определен рок да го усогласиме, да го корегираме проектот или сл. тоа е едниот момент каде што државните институции не помогнаа“, појасни Стефковски.

Стефковски укажа дека вториот момент каде што институциите не помогнаа на општината е кога во месец септември пред избори се отвори клон на градинката „25 Мај“ во населеното место Стајковци на кое што присуствуваше и претходниот премиер, министерката Шахпаска, претходниот градоначалник каде што свечено ја отворија градинката, меѓутоа за жал не обезбедија ниту една согласност за вработување. Е, сега се дојде до момент да се отвори објект, а не се обезбедува персонал за вработување. За овој проблем тој кога станал градоначалник се обратил до МТСП но до денес нема позитивен одговор од министерството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.