Ние сопствениците на приватните имоти во напуштениот индустриски капацитет „Треска“ во општина Центар, остро реагираме на изнесените невистини и обвинувања од страна на „Шанса за Центар“ и претседателката на Советот Јана Белчева. Тие денеска се обидоа да претстават во јавноста дека нашите приватни имоти, кои сме ги купиле на најлегален начин, се дел од некакви законски малверзации и неправилности велат во демантот испратен до медиу.
Во целост демантираме дека како сопственици на приватните парцели, ни било „тајно“ продавано државно земјиште за дооформување на нашите приватни имоти и целосна лага е дека во „четири очи“ се продава државно земјиште. За ваквите обвинувања бараме итно извинување од Белчева и „Шанса за Центар“.
Понатаму, лага е дека 47% од земјиштето кое е државно ќе се распродава. Одговорно тврдиме дека државното земјиште останува државно, а за додоформување на имотите има уште 15% и тоа се прави согласно законот. Сè останато е во државна сопственост и спаѓа во делот на улиците, тротоарите и други јавни површини. Зошто Белчева се обидува да манипулира со вистинските бројки прикажувајќи дека се „разграбува“ државен имот? Ние имаме право и согласно закон сè што бараме е да со го оствариме тоа право. Дополнително, ние како сопственици на имотите во комплексот ќе направиме и парк со големина над 9.400 квадрати, како и дополнителни зелени површини од 20%, иако истите не се ни воопшто предвидени со актуелниот ДУП. Сите овие работи „Шанса за Центар“ се обидува да ги прикаже погрешно во јавноста.
Ние нема да се откажеме од нешто што ни е загарантирано со Устав. „Шанса за Центар“ и Белчева сакаат да ни ги ускратат правата на нашето парче простор. Веќе три години поминуваме низ голгота и трпиме огромни штети заради политичките хирови на Белчева. Конкурсот на кој се повикува таа е целосно невалиден и спротивно на било кој закон бидејќи во него не е испочитувано правото на сопственост.
Ние како сопственици на имотите отворено прашуваме дали „Шанса за Центар“ ќе преземе каква било одговорност пред граѓаните за каква било штета ако не ни се дозволи да си го оствариме нашето право. Нашиот проект чека веќе три години и ништо не се помрднало од мртва точка.
Ја информираме јавноста дека како сопственици на тие имоти подготвуваме тужба за нанесена штета во износ од 50 милиони евра. Белчева и останатите ќе треба да одговорат пред граѓаните како општината ќе ни ги надомести средствата во случај овој притисок од нив да продолжи.
За крај, дали „Шанса за Центар“ и Белчева сакаат напуштената фабрика, „Треска“,уште долги години да остане огромна депонија, еколошка бомба во срцето на Општината? Под превезот на „граѓански активизам“, претставувајќи се дека ги застапуваат интересите на жителите на Центар, сведоци сме како „Шанса за Центар“ наместо да нудат решенија на проблемите, тие се кочничари. До кога ќе градат политички кариери со блокади без решенија?
Апелираме до градоначалникот Герасимовски дека нема да толерираме повеќе блокади и дека ќе си ги бараме правата пред судовите доколку продолжат незаконските опструкции. Бараме во најскоро време да се завршат барањата за дооформување на парцелите кои ни следуваат законски и конечно да се реши проблемот кој никому не носи добро, освен на оние кои сакаат политички да профитираат од него.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.