На 16 и 17 септември на повеќе локации во Скопје ќе се одржи најновото издание на фестивалот „Звукот на Скопје“, кое во петок (16 септември) на платото пред Филхармонија го организира концертот на Констракта и земља грува.
Следуваат настапите на Дина Јашари и бендот „Хајка“, низ чаршијата ќе бидат бендот „Вива стрингс“ и германскиот бенд „Дијаз војтас дуо“ ( Diaz Wojtas Duo), а во галериите на КИЦ ќе може да се погледне изложбата „Македонија“ (MASEDONIA) од бразилските уметници Даниел Kастинет ( Daniel Chastinet) и Вилсон Нето (Wilson Neto).
На Плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред зградата на Филхармонија, паркот Ибни Пајко и неколку локации во чаршијата и следниот ден ќе бидат локациите на кои ќе се одржат музички настапи, изложби, театарски претстави, поетски читања.
„Љубојна“, Тони Китановски и Черкези, „Бла, бла, бла“, „Foolish Green“, „Брука бенд“ ќе настапат на плоштадот „Мајка Тереза“ ( пред Филхармонија), а во паркот Ибни Пајко ќе се претстават бендовите „Баклава“, Дориан и Добрила, „Перија“. Во рамките на таа сцена ќе се одржи и поетско читање, ќе биде изведена и детската претстава „Куферко, светскиот патник од Македонија“, а публиката ќе има можност да ја погледне и изложбата на колажи на Игор Калц, истакна Антонио Димитров, директор на КИЦ, кој го најави најновото издание на Фестивалот.
„Звуците на чаршијата“ е фестивал кој се реализира 16 години наназад и чија функција беше заживување на чаршијата како културна локација. Сметаме дека фестивалот по 16 години како да ја исполни својата улога и чаршијата денеска е едно живо културно и туристичко јадро и сега малку по малку ќе се префлриме на некои други локации во градот кои би ги заживеале во културен контекст.
На првата вечер на плоштадот „Мајка Тереза“ ќе се развива еко-концептот заедно со компанијата „Пакомак“.
Убаво е чувството кога две традиции ќе се спојат во една, „Звуците на чаршијата“, сега „Звукот на Скопје“, се одржува веќе 16 години, а нашиот концерт „Sound of green“ се реализира по десетти пат годинава и одлучивме заедно и партнерски да работиме со КИЦ. Идејата е да има добра забава, но и едукација на младите за екологија и за селекција на отпад. Влезницата за тој концерт ќе биде едно пластично шише или една лименка. Бендовите, добрата музика и забавата ветуваат дека ќе привлечеме публика и да испратиме еколошка порака од целиот фестивал, рече Ико Брдароски од „Пакомак“.
За Вера Милошевска од „Љубојна“ ова е прекрасен настан бидејќи тие како бенд биле дел од првите издание на „Звуците на чаршијата“, сега „Звукот на Скопје“.
Чаршијата има пошироко значење и ми се допаѓа дека чаршија всушност не е белег за локација, туку е белег на тоа каде е собиралиштето на луѓето, а „Љубојна“ е секогаш тука да ги обедини луѓето, епохите, времињата, стиловите, жанровите, рече Вера поканувајќи ја публиката.
На прес конференцијата присуствуваа и членовите на бендот „Хајка“ Скопје кои повикаа на дружење и забава следниот викенд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.