Општина Аеродром изрече парична казна за фирмата која е задолжена за одржување на кулите „Џевахир Скај Сити“, откако пред околу еден месец ги остави станарите без електрична енергија во заедничките делови на кулите А и Б од овој комплекс.
Инспекторот за домување изврши вонреден надзор при што утврди неправилности во работењето на фирмата во делот на почитување на Законот за домување и го задолжи правното лице во одреден временски период да ги отстрани утврдените неправилности. Потоа од страна на општината е спроведена повторна контрола при што е утврдено дека субјектот на надзор нема постапено во целост по решението донесено од страна на општински инспекциски служби. Со оглед на нецелосното постапување од страна на правното лице, општинскиот инспекторат спроведе прекршочна постапка и изрече парична санкција за правниот субјект, информираат од општината.
Имајќи ги предвид зголемениот број поплаки и забелешки од страна на граѓаните кои се однесуваат на работењето на правните субјекти кои ги одржуваат станбените објекти и постапуваат согласно Законот за домување, инспекциските служби во следниот период интензивно ќе работат на терен за утврдување на евентуални недоследности во нивното работење.
Воедно, ги повикуваме граѓаните кои редовно ги подмируваат трошоците за одржување на заедничките простории во зградите своите забелешки да ги пријавуваат до Одделението за инспекциски надзор или преку електронската адреса: elena.gjosevska@aerodrom.gov.mk или vilma.spasevska@aerodrom.gov.mk, повикуваат од општина Аеродром.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.