Како резултат на зачестените барања на граѓаните од минатите години, пред неколку месеци во Аеродром почна примената на новиот концепт за одржување на хигиената на јавните површини во општината, велат од Општината, додавајќи дека преку успешно воспоставен модел и во постојана комуникација со жителите на Аеродром, започнаа систематски да ги решаваат локалните проблеми поврзани со одржување на зеленилото и чистење на депониите и отпадот во целата општина.

Стремејќи се континуирано да обезбедиме услови за здрава животна средина и здрава околина, како предуслов за живот со здрави навики, Општина Аеродром изминатиот период ги стави на располагање сите свои капацитети. Чистотата на јавните површини е еден од најважните императиви во реализација на нашите тековни дневни обврски, а постигнувањето и одржувањето на оваа цел е можна само со поддршка од граѓаните и компаниите, но и комуналното претпријатие на градот, напиша градоначалникот Муцунски на Фејсбук.

Следствено на ова, велат од Општината, веќе може да констатираме дека состојбата во Аеродром е сериозно подобрена и поразлична, а овие активности со зголемен обем продолжуваат во текот на летото, особено за време на високите температури. Комуналните служби и механизацијата на општината, со поддршка на приватниот економски оператор, тековно и навремено ги сервисираат потребите на аеродромци поврзани со одложување и чистење на сметот, а редовно се спроведува чистење и миење на јавните површини и отстранување на кабастиот отпад.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.