Приватните превозници се откажаа од блокирање на градот поради барањата на граѓаните, но и поради молбите да има проток на движење за граѓаните и за децата кои треба да присуствуваат на Златно славејче.
Како што гледате се е проодно, но тука сме за градоначалничката да види колку сме на број, истакна денеска Ленин Јовановски, директорот на „Слобода превоз“.
Тој истакна дека по средбата меѓу приватните превозници, се договориле дека сакаат да им излезат во пресрет на граѓаните, но се уште нема договор со градоначалничката на град Скопје.
Бидејќи градоначалничката не ги прими да ги сослуша превозници, да кажеме дека не сме тука да вршиме притисок, ние преку медиумите сакаме да порачаме дека и ние сакаме најбрзо што може да се надмине оваа ситуација. Значи, сакаме да им излеземе во пресрет и на граѓаните, и сакаме да потенцираме дека приватните превозници се спремни да почнат со работа веднаш штмо се рачисти долгот, бар дел од долгот, за да се надмине ситуацијата. Гледаме дека преку советот има разни стимулации за ЈСП, сега има дополнителни средства и за други јавни претпријатија. Приватните превозници вршат јавна дејност, и за да ја вршат им требаат средствата – укажува Јовановски.
Ние не сме терористи, па да има страв градоначалничката да седне со нас да преговара. Кажете една закана и уцена, дали некому му зедовме пари, дали некому му отидовме дома да му се закануваме, дали кажавме еден погрден збор. Едноставно, луѓето си ги бараат парите. Не може тоа да се третира како закана ниту како притисок. Имаме разбирање, со секого се седнува да се преговара. Очигледно е дека некој не сака да го реши проблемот, изјави денеска Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ на прес-конференција од пред просториите на Град Скопје.
Приватните превозници ѝ понудија компромис на градоначалничката Данела Арсовска и велат дека се подготвени да почнат со вршење на превозот во оној момент кога ќе им биде расчистен долгот или барем некој дел од него за да може да се надмине целата оваа ситуација.
„Приватните превозници ќе почнат веднаш да го вршат превозот и ќе го вршат сè додека не се случи оној најавуван оглас, кој е некој нов концепт на градоначалничката, меѓутоа да не се создава ваков простор на нервози, блокади и јавниот превоз да функционира. Доколку имаме некакви сигнали или некаков одговор и решение од целата оваа ситуација со овој наш предлог на кој инсистираме да биде прифатен, може да кажеме дека протестите ќе бидат прекинати“, изјави Јовановски.
Во спротивно, додава Јовановски, оној протест што е најавен за помасовна блокада на повеќе крстосници, кај „Мавровка“ и „Црвен крст“ и целосната блокада на булевар „Илинден“, ќе се реализираат в понеделник.
Тој дури предложи и советот на град Скопје да изнајде решение, да издвои средства за приватните превозници, кои дури и немора да е исплата на севкупниот долг, туку поголем дел, и да продолжи да се серивисираат трошоците согласно договорот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.