Продолжува големиот градежен зафат на Општина Кисела Вода за санација на улиците во населбата Драчево. Денес, градоначалникот Ѓорѓиевски ја посети улицата Малешевска, која, поради својата местоположба, важи за една од најфреквентните улици во овој дел од општината, но и покрај тоа, не е темелно санирана од 80-тите години на минатиот век кога била изградена.

Се работи за сообраќајница долга речиси 1 км, која до крајот на април ќе добие нов асфалт и нови тротоари. За да се заокружи реконструкцијата, со нов асфалт ќе бидат опфатени и краците на улицата Малешевска, кои водат кон улицата Славка Динкова.

Истовремено, Општина Кисела Вода на „Малешевска“ поставува ново модерно штедливо осветление. Досегашните живини се заменуваат со ЛЕД-светилки. Ќе се реши проблемот и со атмосферските отпадни води, кои ќе се одведуваат во попивателни бунари.

„Се наоѓаме на улицата Малешевска во населбата Драчево, долга околу 1 километар, каде што во наредните триесетина дена ќе работиме интензивно на нејзина целосна санација. За жал, во последните 40-ина години откако е изградена, оваа фреквентна сообраќајница, лоцирана и до училиште и до повеќе значајни објекти, не била предмет на интерес на ниеден од моите претходници, што е евидентно од големите оштетувања. Санацијата на ‘Малешевска’, заедно со нејзините краци, кои излегуваат на главна улица, на ‘Славка Динкова’, во голема мера ќе ги унапредат условите за живеење. Ќе ги санираме и тротоарите, а паралелно работиме и на поставување нови штедливи ЛЕД-светилки. Го решаваме и проблемот со одведување на атмосферските води, кои ќе бидат прифаќани во попивателни бунари.

За потсетување, во населбата Драчево во првата година од мојот мандат беше опфатена обнова на патната инфраструктура во вкупна должина од 12-ина км. Денес, почнатиот проект е доказ дека не застануваме, дека моите ветувања не се само празни зборови и дека целосно ќе го смениме ликот не само на Драчево, каде сме денес, туку и на сите месни и урбани заедници. Градежната офанзива на улиците на општина Кисела Вода продолжува и ќе биде интензивирана во периодот што е пред нас“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.