На денешната седница Советот на Град Скопје донесе повеќе одлуки за ослободување на повеќе јавни институции од обврската за плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште.

Со првата одлука од оваа обврска е ослободен Универзитетот Мајка Тереза за реконструкција со пренамена на јавен објект на универзитетот, лоциран на улица Самоилова. Станува збор за бруто корисна површина од 2.535,78 квадратни метри или нето наплатна површина од 53,89 квадратни метри, а износот изнесува 280.819 денари.

Со втората одлука од обврска за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште се ослободува Општина Центар, во својство на инвеститор, за изградба на детска градинка во населба Пролет Скопје. Станува збор за бруто корисна површина од 2.764,94 квадратни метри или нето наплатна површина од 121,15 квадратни метри, а износот изнесува 712.769 денари.

Со третата одлука од оваа обврска се ослободува Владата на РМ и Министерството за здравство како инвеститори во проектот за надградба на клиника за хематологија во Скопје, во рамки на клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Станува збор за бруто корисна површина од 652,12 квадратни метри или нето наплатна површина од 32,61 квадратни метри, а износот изнесува 191.857 денари.

Со овие одлуки Град Скопје нема повеќе обврска за инвестиции во уредување на градежното земјиште и истите паѓаат на товар на инвеститорите. Самите одлуки кои ги донесе Советот на Град Скопје претставуваат дел од вкупниот надоместок за уредување на градежното земјиште во висина од 60% наменет за Градот Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.