Општина Центар во соработка со Стоматолошкиот факултет – Скопје ги проширува проектите на бесплатни стоматолошки прегледи, со кои, покрај учениците, ќе може да ги користат и децата од градинките, кои исто така се во социјален ризик и сите пензионери во општина Центар. По тој повод, градоначалникот на општина Центар, вчера одржа средба со проф. д-р Ќиро Ивановски, декан на Стоматолошкиот факултет во Скопје, проф. д-р Сања Панчевска, продекан за настава, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска, раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија и со секретарот Влатко Коколански, со кои ги прецизира деталите за проектот „Дејствувај за подобро орално здравје“.

Општина Центар се грижи за сите граѓани еднакво, затоа преку овој проект сакаме да им помогнеме на семејствата од социјален ризик обезбедувајќи бесплатни стоматолошки услуги за нивните деца. Одржувањето на оралното здравје е од суштинско значење за да се задржи правилното функционирање на организмот и севкупното здравје и квалитет на животот воопшто. Затоа, покрај поправката на запчињата, децата на Стоматолошкиот факултет ќе добијат и совети за здрави навики и здрава исхрана, како и едукативни предавања за правилно четкање на забите. Воедно, преку овој проект важно е што дечињата од најмала возраст се соочуваат и го победуваат стравот од одење на забар. Во соработка со Здружението за пензионерите, бесплатни стоматолошки услуги добиваат и сите пензионери во општина Центар, изјави Герасимовски.

Бесплатните стоматолошки услуги ќе може да ги користат децата во градинките и основните училишта чии родители имаат законски одредена минимална плата, корисници се на социјална помош, самохрани родители со законски одредена минимална плата, глувонеми родители со законски одредена минимална плата или пензија, слепи родители со законски одредена минимална плата или пензија.

Заинтересираните пензионери од денеска може да закажат бесплатен стоматолошки преглед на следниот телефонски број: 071/223-320, секој работен ден во периодот од 8 до 14 часот. Стоматолошките прегледи ќе се спроведат од 20.2.2023 до 24.2.2023 година во претходно закажаниот термин. На овие стоматолошки прегледи пензионерите ќе добијат дополнителен датум следствено проблематиката на услугата и потребната стоматолошка интервенција.

Целта на овој проект е подигнување на свеста и поттикнување на семејствата и заедницата за преземање мерки за намалување на штетните последици што ги предизвикуваат оралните болести. Преку овие бесплатни стоматолошки услуги, особено децата, ќе научат како правилно се четкаат забите, како се одржува оралната хигиена и колку е важно оралното здравје почнувајќи од најраната возраст.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.