Професорот и директор на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени Михаил Гаревски смета дека изгорениот мост „Беласица“ кој се наоѓа во близина на „Ист Гејт“ најрано може да биде пуштен до 15 јули, објави „Макфакс“.

По пожарот, кој се случи минатата недела, мостот „Беласица“ е затворен за сообраќај и за движење на граѓание.

Гаревски кој денеска беше со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, рече дека првично ќе се направи експертиза врз основа на проверката на сигурноста и оштетувањата на мостот, за што предвидува дека не би требало да трае повеќе од 20 дена. Според него, многу веројатно е дека експертизата ќе покаже дека ќе бидат потребни минимални санации, оти главната конструкција на мостот не е оштетена.

10-15 јули е најоптимистичкиот рок за враќање во употреба на мостот „Беласица“, доколку анализите покажат дека нема оштетувања на конструктивните елементи, изјави Гаревски за „Макфакс“.

Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени ја прави нанализата за издржливоста на мостот откако градоначалничката Данела Арсовска тоа го побарала од нив. Тие утрово на мостот направија заедничка прес-конференција за да известат дека скопјани треба да се воздржат уште 20-25 дена, кога ќе биде готов извештајот за мостот, за официјално да се соопшти колкави се оштетувањата и каква санација ќе биде потребна.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.