Центарот за управување со кризи бара од градот Скопје и општината Аеродром, итно да постават соодветна заштитна ограда на кејот на реката Вардар во Скопје, на потегот зад хотел Русија во насока кон мостот Близнак, каде што има провалија, која ја загрозува безбедноста на граѓаните.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, соопшти дека пред половина година добиле пријава од загрижени граѓани за постоење на опасност на кејот на Вардар, зад хотелот „Русија“ во Аеродром.
Од страна на ЦУК е излезено на самото место и е констатирана провалија длабока триесетина метри, со безмалку вертикална страна која во должина од педесетина метри ја следи ивицата на горната пешачка патека и претставува голема опасност за пешачите, велосипедистите и лицата кои со електрични тротинети се движат на овој потег, особено ноќно време кога видливоста е значително намалена, вели Ангелов.
Тој вели дека порано на местото постоела лимена ограда, но истата веќе подолго време е отстранета.
Поаѓајќи од начелото на ЦУК, „сејфти фрст“ односно, безбедноста на граѓаните на прво место, покажувајќи одговорност и ефикасност при заштита на граѓаните, ЦУК веднаш, во средината на јуни оваа година, испрати известување со барање за отстранување на оваа нескриена опасност до градот Скопје и општина Аеродром која поради ерозијата постепено се зголемува.Од страна на градот Скопје итно беа преземени мерки за делумно намалување на опасноста со поставување на знаци за забрането движење и заштитна лента со укажување дека во наредниот период ќе се постави и лимена заштитна ограда. За жал, неколку дена подоцна, несовесни граѓани ја скинале заштитната лента, ги откорнале знаците за опасност и ги фрлиле во провалијата. Воедно градот Скопје не извести дека самата провалија е во надлежност на општина Аеродром, соопшти Ангелов.
Од овие причини ЦУК во уште неколку наврати побарал интервенција од страна на градот Скопје но и по поминати шест месеци од неговото прво известување провалијата сè уште е необезбедена.
Затоа, апелираме до градот Скопје и општината Аеродром, во согласност со нивните надлежности, итно да постават соодветна заштитна ограда која ќе ја гарантира безбедноста на многубројните граѓани кои од рекреативни причини пешачат, трчаат или возат велосипед или се движат со електрични тротинети, особено ако се земе предвид зголемената опасност поради раното стемнување и слабата видливост ноќно време како и очекуваните претстојни ниски температури проследени со снежни врнежи или појава на голомразици, вели Ангелов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.